Само во првите месец и пол од 2014 година е потрошен речиси половина од вкупно планираниот буџетски минус за оваа година. Ова го открива предизборниот финансиски извештај кој Министерството за финансии го објави на интернет- страницата на министерството, во согласност со законските измени што ги договорија власта и опозицијата за отчет на државата за потрошените пари во предизборниот период. Овој документ покажува дека во периодот од 1 јануари заклучно со 14 февруари годинава, државата собрала приходи од 245,2 милиони евра, но затоа во истиот период потрошила дури 386,7 милиони евра. Или, буџетскиот дефицит направен во првите месец и пол изнесува 141,4 милиони евра, што е дури 47,6 отсто од вкупниот дефицит предвиден за цела година, во износ од 297 милиони евра. Нешто пониски буџетски минуси беа направени лани во тој период.
Само во првите месец и пол од 2014 година е потрошен речиси половина од вкупно планираниот буџетски минус за оваа година. Ова го открива предизборниот финансиски извештај кој Министерството за финансии го објави на интернет- страницата на министерството, во согласност со законските измени што ги договорија власта и опозицијата за отчет на државата за потрошените пари во предизборниот период.
Овој документ покажува дека во периодот од 1 јануари заклучно со 14 февруари годинава, државата собрала приходи од 245,2 милиони евра, но затоа во истиот период потрошила дури 386,7 милиони евра. Или, буџетскиот дефицит направен во првите месец и пол изнесува 141,4 милиони евра, што е дури 47,6 отсто од вкупниот дефицит предвиден за цела година, во износ од 297 милиони евра. Нешто пониски буџетски минуси беа направени лани во тој период. Па така, во првите два месеци Владата лани потроши повеќе 107,2 милиони евра, или 37,3 од првично планираниот дефицит, а за трите месеци буџетската дупка се продлабочи на 186 милиони евра, или 64,5 отсто од вкупната за цела година.
„Законот за измени и дополнување на изборниот законик уредува обврска за Министерство за финансии да поднесе предизборен финансиски извештај, во кој треба да се даде преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесувањето на извештајот (две недели по распишување на изборите)“, објаснуваат од Финансии.
За овој период Владата собрала 216,6 милиони евра по основ на даночни приходи и социјални придонеси.
Најголемиот полнач, ДДВ, за првите месец и пол донел 64,4 милиони евра. Оваа сума е помала од приходите што беа наплатени од овој данок во декември лани, значи само за еден месец. Ако се има предвид дека токму од 1 декември 2013 стартуваше наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“, бројките говорат дека од стартот на годинава ефектот од играта е помал.
Значајни приходи државата собрала и од судски и административни такси, и тоа 2,7 милиони евра, додека, пак, од глоби се наплатени 1,4 милиони евра за првите месец и пол.
Поинтересно е за што биле трошени овие 386,7 милиони евра. „Се обезбеди нормално функционирање на сите институции, корисници на средствата од Буџетот и навремено сервисирање и исплата на сите законски обврски“, се вели во извештајот.
За стоки и услуги биле потрошени 65 милиони евра, повеќе од првите два месеци лани, кога за таа намена се одлеале 45,5 милиони евра. Најголемо учество во оваа ставка имаат договорните услуги, 46,3 милиони евра, а од нив, 38,7 милиони евра биле исплатени за здравствена заштита на населението, преку Фондот за здравство. За плати и надоместоци се потрошени 56,2 милиони евра, со што, како што објаснуваат од Финансии, навремено се исплатени декемвриската и јануарската плата за вработените во буџетските корисници.
За месец и пол вкупно за субвенции и трансфери се исплатени 42,2 милиони евра. Во оваа сума најмногу се исплатени земјоделските субвенции, 32 милиони евра. За ваков тип исплати има големи реакции што тие зачестуваат во предизборен период. За социјалните бенефиции, пак, се исплатени 140 милиони евра, а најголем дел од овие пари се за Фондот за пензиско, за навремена исплата на пензиите. Државата по основ на камати за нејзиниот долг платила 11,8 милиони евра.
Во капитални расходи завршиле 33,3 милиони евра. „Од овој износ 240 милиони денари се исплатени за извршени работи на Коридорот 10, а останатите се однесуваат за расходи за изградба и реконструкција на училишта, здравствени установи, спортски објекти, водоводи и канализации и др. Во рамки на капиталните расходи трошоците за купување возила се реализирани во износ од 449 милиони денари, кои се однесуваат на исплата на рата за повеќегодишна набавка на автобуси за јавен превоз, од 320 милиони денари и набавка на амбулантни возила од 120 милиони денари“, се вели во предизборниот извештај.